Верувам дека мнозинството од 68-те проценти на гласачи кои се за промени, ќе излезат и ќе дадат поддршка во вториот круг, рече Мирослав Лабудовиќ, кандидат на ЗНАМ за градоначалник на Општина Центар, во вечерашното издание на „Топ тема“ на ТВ Телма.
„Со Билјана имаме ист концепт и визија за Центар. Тоа го тврдам, бидејќи дури и кога разговаравме, се надополнувавме. По влегувањето во Општината, ќе бидат заедно со сите советници од сите политички партии и движења. Имаме заеднички делови од програмите, ќе седнеме, ќе направиме сублимат и тие ќе бидат првите проекти кои ќе ги реализираме. Бидејќи само сложна Општина, надвор од партиските интереси, може да ја доведеме во визијата што ја имам јас, меѓутоа и на граѓаните во Центар, а таа не е ова што сега нѝ се случува“, истакна Лабудовиќ.
Покана за учество во вечерашната „Топ тема“ беше испратена и до актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат за нов мандат од коалицијата предводена од СДСМ, Горан Герасимовски кој, сепак, го откажа настапот.
С.Д.
