Демократската унија за интеграција (ДУИ) застана во одбрана на лидерот. Ниту Ахмети се повлекува, ниту сопартијците ќе го побараат тоа од него. По шпекулациите во дел од медиумите на албански јазик дека претседателот на интегративците ќе оди во политичка пензија, но дека тоа ќе го официјализира по вториот круг, инстантно одговори раководството на партијата. На состанок на Централното претседателство на ДУИ се „расчисти маглата“ и се отфрлија шпекулациите, а на маса пред партиските функционери беа и изборните резултати.
„Дали слушнавте кој победил?! – Зошто да се повлечам од политиката?! – Дали ги сакате резултатите?! – Одете во ДИК и ќе ги верифицирате. Ако можете да видите за 25 години дали имало еден пораз на Али Ахмети! – Тогаш ќе се повлечам. Еве ги фактите, еве ги доказите. Повелете“, нагласи Али Ахмети, претседател на ДУИ.
ДУИ изборните резултати ги прогласи како апсолутна победа и тоа аргументирано со бројот на освоени градоначалнички и советнички позиции, како и со освоени над 20.000 гласови повеќе од опонентите во албанскиот блок партии „Вреди“. Претседателот Ахмети негира дека политички пораз е тоа што ДУИ не освои градоначалничко место во некои од главните општини за етничките Албанци во Македонија, како Чаир и Сарај.
Во Тетово ќе има втор круг, а за таму убедлива победа најавува еден од лидерите на „Вреди“ и кандидат за втор мандат, Биљал Касами, кој ќе ги „судри копјата“ со противкандидатот Бајрам Реџепи од ДУИ.
„Националната алијанса за интеграција има 159 советници кои сме ги добиле на овие избори, друштвото од „Вреди“ освоија 91.000 гласови, со вкупно советници 122. Дали е победник некој со 114.076 гласови или тој што има 91.000?!“, праша Ахмети.
„Ќе продолжиме уште посилно за да пристапиме до секој гласач и да докажеме дека победата во вториот круг ќе биде уште поубедлива и да докажеме дека народот ќе го оцени кој кандидат ќе биде најдобар за решавање на нивните проблеми и која програма е најдобра за нив, а не за теми кои не се реални – во конкретниот случај за изборите кои се на локално ниво“, порача Биљал Касами, кандидат за градоначалник на Тетово од „Вреди“.
Втор круг од локалните избори ќе има и во Кичево. Кандидатот на ДУИ, Дехари ќе се обиде да ја надмине разликата од 6.000 гласови со противкандидатот Јовановски од ВМРО-ДПМНЕ. Од ДУИ нема јасен сигнал – дали очекуваат поддршка по „етничка линија“ од опонентите „Вреди“. Касами пак, вели дека е фокусиран на својата кампања и својата битка во Тетово, а „Вреди“ го кажа ставот – ја отфрли поддршката за Дехари.
Петар Догов
