Буџетот, пред да се донесе, секогаш се планира надуен, особено со капитални инвестиции, затоа што тоа овозможува предвидување на повисока стапка на раст, рече Ванчо Узунов, универзитетски професор, во вечерашната дебата во „Вин-Вин“ на ТВ Телма.
„Од друга страна, пак, повисока стапка на раст оправдува повисок буџет, поголем дефицит, повеќе пари за трошење. Тоа е секогаш при носењето на буџетот“, вели Узунов.
Кога ќе дојде до реализација на буџетот, додаде тој, приказната со години се враќа наназад.
„Немаме остварување кај капиталните инвестиции. Тука е секогаш потфрлање, а се остварени во делот на плати и тие тековни трошоци. И ние на крај ја завршуваме годината онака како што и де факто би ја завршиле и да немало влада. Еден до два посто стапка на раст, нешто што економијата расте сама по себе. Да падне по тој потенцијал треба, не дај боже, да има војна или елементарна непогода. Но, немаме добра, свесна политика што би ја покачила стапката на раст. Уште помалку имаме реформи кои на долг рок ќе значат одржлив раст, повисок раст, подобра благосостојба, итн.“, рече Узунов.
