Двајца оштетени кои сведочеа на судењето за Онкологија не се приклучија кон кривичниот прогон против обвинетиот доктор Нино Васев и нема да бараат отштета. Медицинска сестра во Клиничкиот Центар, ќерка на пациентка, рече дека сака да знае кои неправилности ги утврдиле странските вештачења, но дека за неа Васев е Господ, затоа што мајка ѝ со карцином од петта група се лекувала 13 години со имунотерапија.
Адвокатот на Васев, кој претходно бараше дека не треба да се сослушуваат оштетените како сведоци, го промени мислењето по денешните сведочења.
Обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, изведувајки ги доказите, рече дека при претрес на канцеларијата 212 на Васев, полицијата во ладилник нашла голем број на лекови кои не смееле да бидат во неговиот кабинет, туку во болничката аптека. Таа најави дека дополнитлено ќе се изведуваат и вештачењата.
Во судница како вештак ќе биде повикан и онкологот Милан Ристeски за кого одбраната на Васев сметаше дека не требало да биде ангажиран со оглед на тоа што е негов претходник во директорската фотелја. Судијката Снежана Марковска го одби барањето на одбраната за изземање на Ристeски со образложение дека тој престанал да работи на Клиниката за онкологија уште во 2018 година. Вештачење денеска предложи и одбраната на обвинетата докторка Симонида Црвенкова.
Вештачење денеска предложи и одбраната на обвинетата докторка Симонида Црвенкова подготвено од експерти од Клиниката за пулмологија.
„Стручно медицинското мислење и наод утврди дека лекувањето почнало многу порано од она што е наведено во обвинението. Понатаму утврдено е дека според природата и развојот на болеста очекуваното време за преживување за добар дел од пациентите е далеку над она што медицинската наука го предвидува. Како пример ќе наведам дека ако за одреден вид болест очекувано време за преживување е шест осум месеци, пациентот токму поради лекувањето му бил продолжен векот на две години и осум месеци“, изјави Владимир Туфегџиќ, адвокат на Црвенкова.
Предметот за несовесно лекување пациенти на Онкологија се води против ексдиректорот Васев и онколозите Црвенкова и Јакимовски. Според обвинението, со медицински вештачења било утврдено дека кај 29 пациенти Васев применил неподобен начин на лекување, со што, тешко го нарушил здравјето на пациентите.
Елена Ивановска Мукоска
Дигитална обработка: Т.Д.
