Во Лондон денеска се одржува 12-тиот Самит на Западен Балкан во рамки на Берлинскиот процес, со кој се продолжуваат напорите за унапредување на политичката, економската и инфраструктурната соработка меѓу земјите од регионот и Европската Унија.
Самитот го отвори британскиот премиер Кир Стармер, а учество земаат и лидерите на земјите од Западен Балкан, меѓу кои и премиерите на Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Според британското Министерство за надворешни работи, на агендата се прашања поврзани со стабилноста и безбедноста на регионот, економската соработка, европските интеграции, како и координираната борба против нелегалната миграција.
На Самитот присуствуваат и високи претставници од Германија, Франција и други земји-членки на ЕУ. Берлинскиот процес започна во 2014 година и досега се одржаа 11 самити во различни европски метрополи.
Ова е вторпат Лондон да биде домаќин, а иницијативата продолжува да служи како платформа за зајакнување на регионалната соработка и подготовка на земјите од Западен Балкан за идно членство во Европската Унија.
Т.Д.
