На Македонија, и покрај одреден напредок во реформите што ги спроведува, ѝ недостига вистински пробив за придвижување на европскиот пат, е ставот на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Томас Вајц. Тој во изјава за Европската новинска редакција наведува дека земјава сè уште е блокирана од Бугарија.
„За жал, има многу прашања поврзани со идентитетот што го блокираат нејзиниот напредок“, вели Вајц.
Сепак, тој се надева дека по локалните избори во земјава ќе се направат потребните уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот.
„Тоа ќе го отвори патот за вистинско започнување на преговорите. Мислам, таа сега е земја опфатена со пристапниот процес, но всушност ги немаме започнато преговорите. Треба да ги започнеме наскоро за да ја одржиме земјата на вистинскиот пат“, смета Вајц.
Пораката од Вајц за уставни измени по локалните избори доаѓа неколку дена по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на земјава за време на која таа испорача многу подиректна порака за тоа кои се очекувањата на ЕУ од Македонија по локалните избори.
„Може да сметате на нас. Следен и единствен чекор пред стартот на преговорите е јасен. Вие мора да ги спроведете договорените уставни измени. Топката е во вашиот двор. ЕУ е подготвена“, напиша Фон дер Лајен на „Икс“.
Помош, пак, за Македонија да се убеди да ги спроведе уставните измени побарал шефот на бугарската држава, Румен Радев и тоа од Унгарија. Радев на средбата која вчера ја имаше со својот унгарски колега, Тамаш Сујок, ја повикал Унгарија да ѝ помогне на земјава.
„Со тоа што навистина ќе ги убедиме нашите браќа дека прифаќањето и вклучувањето на Бугарите во Уставот, почитувањето на европскиот консензус и отсуството на притисок и дискриминација врз Бугарите се неопходен услов за почнување преговори за членство во Европската Унија“, изјави Радев.
Според него, Софија го поддржува европскиот пат на балканските земји, но напредокот треба да им зависи од индивидуалните заслуги на секоја држава.
Тамара Грнчароска
