Долгот од 700 милиони евра кој го наталожиле општините, јавните и државните претпријатија треба сериозно да не загрижи, коментираат дел од познавачите. Сметаат дека е предизвикан поради злоупотреби, а не од незнаење. Забележуваат дека кога долгот на една институција почнува да расте никој не обрнува внимание, се реагира во оној момент кога ќе биде доведено во прашање работењето на правниот субјект.
„Јас мислам дека е злоупотреба. Не е незнаење. Незнаење може лесно да се прибави, но ова се злоупотреби заради некои лични цели кои со години земаат се поголем замав“, вели даночниот експерт. Славко Лазовски.
Според Лазовски, за надминување на проблемот, потребни се промени во домашната регулатива, но и конечно воведување на Законот за фискална одговорност, нешто што веќе подолг период ни го посочуваат од ЕУ.
„Тој закон предвидува потпишување на фискална изјава за фискална одговорност на секој функционер штом стапи на должност. Тоа значи дека јасно му се предочени правилата, ако некој правно прекрши, автоматски се активира оставка. А не да бидеш награден ако направиш огромни долгови. Една од ретките земји сме во која тој што прави долгови, подобро живее од оној кој редовно води сметка за своите обврски. Од друга страна, имаме Закон за финансиска контрола кој никако еве веќе 20 години не може да заживее“, додава Лазовски.
Премиерот Мицкоски конкретно не одговори дали во институциите се работи недомаќински и дали е може би потребна контрола за тоа што се случува со парите во институциите.
„Дали ме загрижува, ме загрижува секој долг и тој долг го враќаме, еве на пример јавниот и државниот долг е намален за првпат за неколку проценти“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Според извештајот на финансии за вториот квартал годинава, државните, јавните институции и општините имаат доспеани, а не платени обврски од околу 700 милиони евра. Најмногу за комуналии, греење, транспорт, но имаат неплатени фактури и кон приватниот сектор, физички лица но и кредити. Должат и за плати, придонеси, поправки, набавка на машини, опрема, возила и друго.
На врвов на листата се јавува НОМАГАС, а во првата петорка се и двете железнички претпријатија и ЕСМ од каде побараа сите кои им должат за струја и парно да си ги платат фактурите.
Инаку, ваков долг од околу 700 милиони евра се случува да има вторпат во последниве две до три години.
Ирена Чачкова
