Вести Економија Свет

САД воведуваат 39 отсто царини за швајцарските производи – на мета се чоколадото, сирењето и луксузните часовници

Швајцарските производи како часовници, чоколадо и сирење наскоро би можеле да поскапат и до 50% на американскиот пазар, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп воведе нови царини од 39 отсто за увоз од Швајцарија. Одлуката стапува на сила на седми август ѝ е дел од поширока трговска офанзива насочена кон 66 земји, вклучително и Европската Унија, Тајван и Фолкландските Острови.

Швајцарија, која во 2024 година ги укина сите царини за увоз на индустриски стоки, е силно погодена од оваа еднострана мерка. Швајцарската претседателка Карин Келер-Сатер изјави дека царините се неочекуван удар и дека верува оти Трамп ја одредил бројката од 39% токму според трговскиот дефицит на САД со Швајцарија, кој минатата година достигна 38,5 милијарди долари.

Федерацијата на швајцарската индустрија за часовници реагираше остро, истакнувајќи дека царините сериозно ќе ги загрозат билатералните односи, посебно што швајцарските компании веќе се соочуваат со пад на извозот. Компаниите како Своч, Ролекс и Патек Филип не дадоа коментар, додека помалите производители најавуваат можни поскапувања за американските потрошувачи.

Слична загриженост изразија и производителите на чоколадо. Роџер Верли од здружението Чокосуис предупреди дека со пресметаните трошоци, вклучувајќи ја и девизната разлика, реалното поскапување би можело да достигне 50%. Тој повика на диверзификација на пазарите, но се надева дека американските клиенти ќе останат лојални на швајцарскиот квалитет.

Официјалните власти во Берн најавија дека ќе ја анализираат ситуацијата и ќе бараат дипломатско решение, но потенцираа дека штетата за извозно ориентираната швајцарска економија може да биде значајна.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Најавите за воведување електронско гласање за дијаспората за изборите во 2029 година за Филипче се потенцијален извор на изборни манипулации

Дејан Дејан

Најмалку 188 загинати и над 1500-тини повредени во двата разорни земјотреси во Венецуела – спасувачите трагаат по преживеани низ урнатините

Дејан Дејан

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ игра на картата на национализам и популизам само за да опстане на власт

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе