Швајцарските производи како часовници, чоколадо и сирење наскоро би можеле да поскапат и до 50% на американскиот пазар, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп воведе нови царини од 39 отсто за увоз од Швајцарија. Одлуката стапува на сила на седми август ѝ е дел од поширока трговска офанзива насочена кон 66 земји, вклучително и Европската Унија, Тајван и Фолкландските Острови.
Швајцарија, која во 2024 година ги укина сите царини за увоз на индустриски стоки, е силно погодена од оваа еднострана мерка. Швајцарската претседателка Карин Келер-Сатер изјави дека царините се неочекуван удар и дека верува оти Трамп ја одредил бројката од 39% токму според трговскиот дефицит на САД со Швајцарија, кој минатата година достигна 38,5 милијарди долари.
Федерацијата на швајцарската индустрија за часовници реагираше остро, истакнувајќи дека царините сериозно ќе ги загрозат билатералните односи, посебно што швајцарските компании веќе се соочуваат со пад на извозот. Компаниите како Своч, Ролекс и Патек Филип не дадоа коментар, додека помалите производители најавуваат можни поскапувања за американските потрошувачи.
Слична загриженост изразија и производителите на чоколадо. Роџер Верли од здружението Чокосуис предупреди дека со пресметаните трошоци, вклучувајќи ја и девизната разлика, реалното поскапување би можело да достигне 50%. Тој повика на диверзификација на пазарите, но се надева дека американските клиенти ќе останат лојални на швајцарскиот квалитет.
Официјалните власти во Берн најавија дека ќе ја анализираат ситуацијата и ќе бараат дипломатско решение, но потенцираа дека штетата за извозно ориентираната швајцарска економија може да биде значајна.
