„Предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2025 година произлегуваат од реалните потреби на граѓаните, институциите и стопанството, и се во согласност со макроекономските движења и реализацијата во првата половина на годината.
Овие измени не го менуваат суштински нашиот пристап, туку го подобруваат, оптимизираат и прилагодуваат Буџетот кон приоритетите – сервисирање на клучните обврски, подобра распределба на расходите и поефикасно користење на расположливите извори на финансирање, истакна денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска образложувајќи го дополнетиот предлог на измените и дополнувањата на Буџетот за 2025 година.
„Вкупните приходи се проектирани на 362,4 милијарди денари, што е зголемување од 1% во однос на иницијалниот план. Овој незначителен пораст е резултат на непроменета проекција на даночни приходи, зголемени неданочни приходи, како и проширувања на буџетите на сметките за самофинансирачки активности. Даночните приходи остануваат стабилни и според планот, благодарение на добрата реализација во првата половина од годината, подобрената методологија за проектирање и засилената координација меѓу Министерството за финансии, Управата за јавни приходи и Царинската управа. Дополнително, заложбите за намалување на сивата економија, дигитализација на процедурите и засилените контроли ќе придонесат за уште подобра наплата до крајот на годината“ рече Димитриеска Кочоска.
Министерката кажа дека социјалните придонеси како изворни приходи на фондовите за пензиско и здравствено осигурување и на Агенцијата за вработување се планирани во износ од 117,1 милијарди денари, односно истите се непроменети во однос на придонесите планирани со Буџетот за 2025 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 403,7 милијарди денари, што е зголемување за околу 1%, или приближно 3,5 милијарди денари повеќе во однос на иницијалните проекции. Буџетскиот дефицит останува непроменет – 41,3 милијарди денари или 4% од БДП“ пишува МИА.
„Ова отстапување од фискалното правило е резултат на потребата од финансирање на обврски предвидени со закон и договори, како и на инфраструктурни инвестиции со висок приоритет“, рече Димитриеска Кочоска.
