Здружението Инженери на Република Македонија поднело барање до Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини и Државниот пазарен инспекторат, како и до Министерството за енергетика, за да се потврди кој од нив е надлежен за постапување и санкционирање во случај потрошувачите на електрична енергија да немаат визуелен пристап до сопствените броила. Според ИНРМ, неовозможувањето на пристап до мерниот уред не е техничко прашање, туку директна повреда на законска обврска и причина за санкција.
-Со новиот закон кој стапи на сила на 29 мај 2025 година, операторот е обврзан да овозможи визуелен пристап до мерниот уред, односно потрошувачот да може лично и во секое време да го види и провери податокот што уредот го регистрира. Поставувањето на броила во затворени кутии, на височина недостапна за граѓанинот, во заклучени и невидливи за граѓанинот простории или поставено во ормари каде не може да се види броилото, претставува правно недозволено постапување, велат од ИНРМ.
Законот, додаваат, предвидува глоба од 1.000 до 3.000 евра за операторот ЕВН ако не го исполни ова свое законско задолжение.