Вести Македонија Најважни

Осум години затвор за поранешниот генерален секретар на владата Драги Рашковски

Вкупно осум години затвор доби поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски за случајот „Софтвери“. За делото злоупотреба на службената положба е осуден на седум години затвор, а за делото перење пари, една година и шест месеци затвор. Во казната му се засметува и времето поминато во притвор. Судијката ги прогласи за виновни и професорот Ивица Димитровски, носител на проекти на „ФИНКИ“, кој доби 5 години затвор, а надворешниот соработник на владата, Игор Христов, е казнет со пет ипол години затвор. Даниел Станчев од „Инвока груп“,  доби 4 години во затвор, а Ирена Ивановска, Игор Ивановски и Маја Силјаноска, надворешни соработници на владата по три години. Осудените треба да ја надоместат и штетата направена кон државата.

Сите се обвинети за злоупотреби при набавка на два софтвера и исплата на хонорари. Првиот софтвер е за сообраќајни прекршоци и биометриска идентификација, кои никој не ги користел, а Генералниот секретаријат со кој управуваше Рашковски ги набавил иако немал надлежност за тоа. Дополнително, тендерите или  биле наместени или немало тендер, а била фаворизирана фирмата „Инвока груп“.

Вториот дел од обвинението е за хонорарите. Рашковски склучувал авторски договори со физички лица што не ги извршувале работните обврски. Според обвинението, тие подигнувале дел од парите и му ги враќале нему.

Судот констатираше и дека Рашковски имал доминантна позиција во текот на главната расправа, како и додека бил генерален секретар кога давал насоки за остварување на негов личен интерес.

Во текот на судењето, Димитровски покажал искрено каење и дистанцирање од Рашковски, Христов имал партнерски однос со него, Станчев лојален однос, а Сиљановска и Ивановска меѓусебно почитување.

Изрекувањето на пресудите во судот го следеше и шефот на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Ислам Абази, како придружба на обвинителката Ивана Трајчева, која го застапува обвинението.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Узунов: Секој буџет е нереален во декември кога се носи, на средина на годината мораме да имаме ребаланс

Sasko Dimovski

Митевски: Капиталните и сите други расходи кои не се трансфери и плати ќе бидат опфатени со ребалансот на буџетот

Sasko Dimovski

Ѓорѓиоски и Сејдини одобриле и потпишале 728 налози, се сомничат за финансиски криминал во ФФМ од близу три милиони евра – во шемата и раководителката на Одделението за финансии

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе