Македонски влади тим предводен од премиерот Димитар Ковачевски утре ќе има средба со компанијата за природен гас што ја посочи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, соопшти вечерва министерот за економија, Крешник Бектеши.
И Бектеши, како што рече, ќе учествува на средбата која нема да се одржи во Скопје, туку ќе биде надвор од земјава, а јавноста детално ќе биде информирана за разговорите и за понудата.
Состанок со друга компанија за набавка на поевтин мазут што, исто така, ја посочи Мицкоски, се очекува до крајот на неделата, најверојатно во деновите од викендот.
„Да, стапивме во контакт со една од компаниите. Во однос на компанијата што ја предложи Мицкоски за природен гас утре е закажен состанок со генералниот директор, а ќе присуствуваат премиерот Ковачевски, неговиот советник за енергетика и јас. Ќе разговараме за детали. Ако условите и понудата е прифатлива за ЕСМ, тоа треба да го направи ЕСМ со трговец со природен гас“, истакна Бектеши.
Од македонска страна, напомена, веќе се пратени количините и потребите, вклучително и потребите на ТЕ-ТО.
„Се работи за компанија која е регистрирана во Европа. Согласно најавите утре понудата треба да се детализира од страна на компанијата и ќе ја известиме јавноста откога ќе ги завршиме преговорите. Средбата нема да биде во Скопје, туку надвор од Северна Макдонија. Ние во текот на утрешниот ден ќе се вратиме и јавноста ќе биде информирана за понудата и за тоа како течеа преговорите“, подвлече Бектеши.
Во однос на разговорите со Србија, тој оцени дека се блиску до договор.
„Нашиот предлог е пратен, очекуваме одлука од српската страна. Нивниот експертски тим треба да ги извести министерката за енергетика Зорана Михајловиќ и претседателот Вучиќ, но до денеска, за жал, немаме одговор. Нема да чекаме, зашто разгледуваме различни понуди“, рече министерот.
