Најавената блокада на трите гранични премини меѓу Бугарија и Македонија, која требаше да се одржи во недела, е откажана по разговори со претставници на бугарското Министерство за надворешни работи и бугарската амбасада во Скопје. Одлуката ја соопшти претседателот на Фондацијата „Македонија“, Виктор Стојанов, кој претходно иницираше онлајн-анкета за поддршка на идејата за блокирање на премините „Ѓуешево – Деве Баир“, „Станке Лисичково – Делчево“ и „Златарево – Ново Село“.
Според Стојанов, организацијата делува во координација со државните институции, а по направените консултации било оценето дека ваков вид протестни активности, вклучително и краткотрајна блокада на границата, во моментот би биле контрапродуктивни. Тој посочи дека зад иницијативата постои значителен јавен интерес и незадоволство поврзано со односите меѓу двете земји и положбата на Бугарите во Македонија, но оцени дека таа „граѓанска енергија“ треба да се насочи кон други, поконструктивни форми на дејствување. Како дополнителна причина за откажувањето на протестот беше наведена и можноста блокадите да предизвикаат дополнителни тензии, како и потребата од ангажирање значителни полициски и административни ресурси.
Во меѓувреме, бугарскиот амбасадор во Скопје, Желазко Радуков, јавно повика да не се блокираат границите и патиштата меѓу двете земји. Повикот беше објавен на официјалната Фејсбук страница на бугарската амбасада, со порака дека изразувањето на незадоволството треба да има конструктивен и европски карактер.
„Интересот на нашата земја бара од нас да бидеме отворени кон нашите југозападни соседи, да го предизвикаме нивното запознавање со модерната бугарска култура, да ги поттикнеме контактите меѓу долго разделените семејства, да ја продлабочиме економската соработка и трговијата. Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата. Само на овој начин ќе ги потсетиме нашите соседи колку сме блиски и кои се придобивките не само од нашата заедничка историја, туку и од нашата заедничка иднина во Обединета Европа“, рече амбасадорот на Бугарија Жезалко Радуков.
Реакцијата на амбасадата следуваше по неодамнешното опожарување на два автомобила на бугарската дипломатска мисија во Скопје, по што Фондацијата „Македонија“ најави блокада на граничните премини на 21 јуни. Од Фондацијата најавија дека во наредниот период ќе предложат алтернативни иницијативи преку кои граѓаните ќе можат да го изразат својот став, а повеќе детали ќе бидат соопштени на прес-конференција.
Сзуана Мицева
