Попушти таванот во големата сала на Центарот за култура во Битола простор каде што се одржуваат најголемиот број на настани, концерти и кино-проекции .

Само два дена претходно, во полна сала, премиерно се одржа мјузиклот „Freddie The Queen“ на битолскиот Камерен оркестар.

Но, за среќа, немаше настан, ниту публика во моментот кога попуштија тешките иверки од таванот, на левата страна над горниот дел од седиштата кои се прицврстени на дрвена конструкција.

- „Во текот на вчерашниот ден беше забележано оштетувањето на плафонот во големата сала, по што се пристапи кон отстранување на десетина иверици од внатрешноста поради безбедност. Од вечерта веќе истражуваме компании кои би ни излегле во пресрет, а деновиве ќе започне санацијата“, изјави Сашо Илковски, директор на Центарот за култура.

Нема прокиснување од надворешната страна на покривот, па се претпоставува дека оштетувањата настанаа поради дотраеност.

И во минатото имало сличен проблем со плафонот над сцената, но никогаш не бил целосно реконструиран, туку се санирале само деловите што попуштале. Од Центарот за култура ги откажаа сите настани што требаше да се одржат во големата сала.

- „Засега, за овие неколку дена се одложени кино-проекциите, како и еден хуманитарен настан“, додаде Илковски.
Центарот за култура во Битола е изграден во 1980 година. Покривот до неодамна беше населен со илјадници гулаби, кои влегуваа и во внатрешноста на објектот. Неодамна е ставена во функција хидрантската мрежа, која не работела долги години, а по забелешка на инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, се пристапи и кон изработка на елаборати за нисконапонската и громобранската мрежа.
Емилија Мисирлиевски
