Ивана била под закани и уцени од нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски и не се вратила доброволно дома, сведочеше пред судот нејзиниот брат Александар Стојановски. Јовановски е обвинет за наведување на самоубиство, нанесување телесна повреда и загрозување на сигурноста, откако на 2 март Ивана го загуби животот по пад од тераса со нејзината 6-годишна ќерка Катја.
Нејзиниот брат сведочеше дека откако Јовановски ја претепал и со неговата ќерка ги исфрлил на автопат пред Штип, тој дознал дека Ивана трпела семејно насилство. Тогаш Ивана отишла да живее со нејзините родители и започнала бракоразводна постапка.
„Ми се довери дека има сериозни проблеми и ѝ треба помош да ги реши. Татко ми ангажираше адвокат за да почне бракоразводна постапка. Ивана ми се довери за станот. Рече дека се сомнева дека обвинетиот има направено фалсификат и дека без нејзина согласност го префрлил станот на свое име“, изјави сведокот Александар Стојановски.
Ивана му покажала и пораки со закани од Стојанче да му даде пари, а ѝ било страв од него, бидејќи имал пиштол и дека ќе ѝ го земе станот. Стојанче, според нејзинитот брат, ѝ побарал и 30.000 евра на неговата сестра за да го исплати станот. Откако бил фатен со дрога, Ивана решила да се врати дома, а нејзиното семејство не можело да сфати зошто. Адвокатот на обвинетиот го праша сведокот дали Ивана доброволно се враќала кај Стојанче, на што тој одговори негативно.
„Покрај сите овие работи и уцени и закани и стравот за Катја, особено кога беше во болница и постојано ја бараше Катја, јас не сум убеден дека сестра ми доброволно се враќала кај Стојанче“, додаде Стојановски.
Сведочеше и нивна сосетка која двапати повикала полиција, бидејќи слушала околу две години малтретирање во становите над неа. Но, полицијата не можела да пронајде конкретно во кој стан се одвивало семејното насилство. Еден од полицајците ѝ се заканил дека ќе ѝ напише казна за лажно пријавување. Наставничката на девојчето, пак, пред судот кажа дека мајка ѝ на Ивана им укажала дека ќерка е жртва на семејно насилство. Психологот дал насоки да се следи Катја која, според наставничката, се однесувала како и сите други деца.
Марија Митевска
