Принцези, овци, папагали – ова се само дел од маските што денеска можеа да се видат меѓу најмладите. Насмеани и разиграни, децата велат дека 1-ви април за нив е ден за шеги, маскирање и забава.
„За мене 1-ви април е денот на шегата. Сите сме маскирани“
„Јас сум маскирана во папагал. Маската ја направив со помош на другарчињата и наставниците“
„Јас наставничката ја излажав. И кажав дека сум паднал, сум се сопнал и таа ми поверува“
„Го излажав мојот другар Стефан, му кажав дека му е скината облеката и тој ми поверува“
„Денес се шегуваме и тоа ми е супер“, велат најмалите.
Возрасните ја покажаа својата креативност преку детските маски. Наставниците и родителите велат дека подготовките за маските траат со месеци, но трудот се исплати кога ќе се види радоста кај децата и пораките што ги пренесуваат преку нив.
„Моите ученици се четврто одделение и за денешниот ден се маскиравме во стадо овци. И како што е ред во секое стадо, мора да има и една црна овца. Изработките се рачни, самите деца сакаа да ги изработат“, вели наставничка.
„Нашата маска е шарено јато полно со љубов, а пораката е дека сите сме различни, а сепак исти“, објасни друга наставничка.
Оваа година Априлијадата се одржа во Градскиот трговски центар. Настанот обедини деца од градинки и основни училишта, кои прошетаа со своите маски и настапија со танцови точки.
1-ви април е ден во годината кој не потсетува дека смеата и позитивната енергија се најубавиот начин да се разубави секојдневието.
Тамара Марковска
Б.С.
(живо)Папагали, овчички, принцези, аквариуми и музичари- да се биде некој повесел на први април
