Половина полициска чета односно 39 припадници на МВР имале пропусти во постапувањето со семејното насилство кое го трпела скопјанката Ивана Јовановска поради што не надевајќи се на излез од тешката состојба, таа со 6-годишната ќерка Катја почина по пад од балкон во зграда. Ова го утврдила внатрешната контрола на МВР.
За семејното насилство кое предизвика две жртви веќе е обвинет сопругот Стојанче Јовановски. Внатрешната контрола известувањето го испратила до обвинителството.
- Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство. Одделот достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, одговорија од МВР.
Обвинителството вчера го добило известувањето и ќе го додели на постапување на обвинител, велат од ОЈОГОКК. И во двата одговори не е посочено за кој профил на полицајци и службеници станува збор. Според сознанијата на Телма, меѓу пријавените се полицајците кои биле на терен кога се случи самоубиството на 2-ри март, нивните сменоводители, инспектори за семејно насилство.
Пропусти се утврдени и кај полициски службенички кои во јануари биле на интервенција во Клиничкиот центар по пријава на лекар бидејќи Ивана тогаш иако целата истепана не се повикала на семејно насилство, а полицајците се откажале од истражување на други кривични дела. Внатрешна контрола утврдила масовни пропусти во редовите на МВР, но истрагата на обвинителството треба да утврди колкумина и за што ќе ги гони.
Трагичниот настан ги вознемири граѓаните на почетокот на март поради смртоносниот скок за спас на жена која со години била малтретирана од брачниот партнер покрај немите и слепи институции.
Дополнително вознемирување предизвика сведоштвото на мајката на Ивана и бабата на Катја која раскажуваше разни инциденти и малтретирања на двете- додека надлежните не преземале доволно мерки за да им помогнат и спасат.
Обвинетиот Стојанче Јовановски призна две кривични дела, нанесување телесни повреди и загрозување на сигурност на Ивана, но, негираше одговорност за наведување на самоубиство.
Миомир Серафиновиќ
Б.С.
