Фабриките ќе продолжат сами да го мерат своето загадување, бидејќи за Инспекторатот за животна средина е прескапо постојано да ги следи сите извори. Контроли ќе се вршат само доколку се појави сомнеж за загадување, информираа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање на денешниот брифинг.
„Многу е скапо постојано да се мери загадувањето на воздухот во сите индустриски објекти. Ние немаме толку средства. Мерењето ќе го прават самите фабрики. Доколку забележиме некои промени ќе извршиме контрола“, соопштија од Инспекторатот за животна средина.
Резултатите од мерењата ќе бидат објавувани во нов регистар на загадувачи, кој ќе содржи податоци за емисии, пренос на отпад, како и потрошувачка на енергија, вода и суровини. Во април Министерството ќе одржи средба со индустриските оператори со А-интегрирана дозвола за да ги запознае со новиот систем.
Од Министерството најавија и нов закон за индустриски емисии, кој треба да стапи во сила во септември 2027 година и ќе биде усогласен со стандардите на Европската Унија. Паралелно, се работи и на мерки за намалување на загадувањето од греењето, во 21 државен објект веќе е заменет системот од нафта на гас, а целта е да бидат опфатени вкупно 70 објекти.
Во однос на новата А-еколошка дозвола за „Усје“, од Министерството најавија јавна расправа на која невладините организации ќе можат да ги изнесат своите ставови. Извршен е и вонреден надзор во цементарницата, а резултатите се очекуваат во наредните денови.
Тамара Марковска
Б.С.
