Од очекувања за брза победа до сè поизвесен ризик од долготраен и нестабилен исход – војната меѓу САД, Израел и Иран отвора низа прашања за вистинските цели и последици од конфликтот.
Во вечерашната „Топ Тема“ дебатираат генерал-мајорот во пензија, Павле Арсоски и политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ за тоа кој ја плаќа цената на војната и какви сценарија се отвораат – од потенцијално „ослободување“ на Иран до создавање нова оска на отпорот и продлабочување на регионалните конфликти.
„Овој воен судир е сега во фаза на стратешка ароганција. Првично стратешка ароганција од страна на САД кои веруваат дека со воена надмоќ, особено во воздушниот простор, технолошката надмоќ и економските санкции ќе можат да ги постигнат своите цели, иако не сме сосема сигурни кои се тие цели. Стратешка ароганција е што мислеа дека војната може да се контролира и да се заврши кога тие ќе одлучат. Исто така, се потценија асиметричните алатки на Иран. Од друга страна, стратешка ароганција пројавува и Иран,“ изјави Павле Арсоски, генерал-мајор.
