Вести Македонија Најважни

Обвинителството ги учи новинарите како да известуваат за неизборот на обвинителка за полицајците од „Пулс“ – тие возвратија дека се обидува да ги замолчи

Обвинителството реагира и ги учи медиумите како да известуваат за тоа што предметите против полицајците поврзани со трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани останаа без обвинител. Советот на јавни обвинители ја тргна обвинителката Ивана Трајчева од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а со тоа и од предметите против полицајците.

Сега од обвинителството го повикаа и Здружението на новинари (ЗНМ) и, како што велат, други професионални организации да апелираат и да го гарантираат почитувањето на етичките стандарди за известување и воздржаност при јавно коментирање на вакви трагедии. 

„Апелираме и до сите останати повикани јавно одговорни чинители да придонесат за ефикасност на постапките, но и за одмереност во јавните настапи и коментари, каква што налага сериозноста на последиците и колективната траума предизвикана од пожарот во „Пулс”. Имајќи ја предвид сериозноста на овој настан, сите јавни личности кои имаат општествено влијание, треба да внимаваат да не предизвикуваат неоснован немир во јавноста преку изјави, објави на социјални мрежи или која било друга форма на јавно изразување која би била вознемирувачка“, побара Државно јавно обвинителство.

Реакциите на дел од јавноста, но и на роднините на жртвите на вчерашниот протест беа дека не сакаат обвинителката која 10 месеци ги работеше трите истраги, сега да биде тргната од предметите. Трајчева сама ги поднесе трите обвиненија против вкупно 23-ца полицајци, а веќе едно од судењата е при крај. И покрај тоа што се отвори прашањето дали со ова се одолговлекува процесот, од обвинителстовто и денеска убедуваат дека итно ќе назначат нов обвинител кој ќе ги застапува предметите пред суд.

Од ЗНМ и новинарскиот Синдикат со осуда за ваквата реакција на обвинителството, на кое му одговорија дека по неизборот на обвинителката во јавноста со право се поставија легитимни прашања за тоа дали ова може да значи одолговлекување на постапката.

„Повикот на ОЈО за гаранција и воздржаност при известувањето, а притоа не посочувајќи во кои случаи се прекршени етичките и професионални стандарди од новинарската фела, може да се разбере како обид за замолчување на јавноста и стишување на критичките тонови, односно попречување на слободата на говор. Ова го истакнавме и во директна комуникација со обвинителството, со цел да се надминат можните недоразбирања што можат да настанат од денешното соопштение на Јавното обвинителство“, се наведува во заедничката реакција на ЗНМ и ССНМ.

И премиерот Христијан Мицкоски денеска ги подучи новинарите каде да се обратат за ова прашање, бидејки тоа не било негова надлежност, иако пред само неколку денови му даде повеќе задачи на новиот обвинител.

Советот на јавни обвинители во петокот гласаше против Трајчева, меѓу кои и новоназначениот државен овинител Ненад Савески. Тој во изјава за медиумите рече дека нема да се одложи ниту едно рочиште поради промената на Трајчева, но не беше дадено објаснување зошто не беше реизбрана, освен тоа дека се дава шанса на други обвинители.

Билјана Николовска Тодорова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранците тврдат: Нема нови обврски за нуклеарната програма по разговорите со САД

Sasko Dimovski

Со двата гола против Австрија, Меси ја одведе Аргентина во нокаут фазата и стана прв стрелец во историјата на СП

Sasko Dimovski

Владата во Прага го иззема претседателот Павел за самитот на НАТО во Анкара – конфликт меѓу државниот врв на Чешка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе