Пакистан ќе биде домаќин на дводневен состанок со Египет, со Турција и со Саудиска Арабија на кој ќе разговара за војната на Блискиот Исток додека Исламабад се позиционира како потенцијално место за мировни преговори меѓу САД и Иран.
Министрите за надворешни работи на четирите земји ќе одржат „длабински расправи за низа прашања, вклучувајќи ги и напорите за деескалација на тензиите во регионот за време на дводневните разговори, соопшти министерството за надворешни работи на Пакистан.
Турскиот шеф на дипломатијата, Хакан Фидан најави обид за воспоставување на механизам насочен кон деескалација.
„Би разговарале за тоа во кој правец водат преговорите во оваа војна, како четирите земји ја проценуваат ситуацијата и што може да се направи“, изјави Фидан за ТВ А Хабер.
Четирите земји се вклучени во обиди за посредување меѓу Вашингтон и Техеран во војната што ја започнаа САД и Израел на 28 февруари и сите се исклучително ранливи на заканите за снабдување со енергенси и блокадата на трговските рути.
