Нашиот виртуоз на гитара, пејач, композитор и текстописец, Влатко Стефановски, ја доби престижната награда „Порин“ за животно дело во Сплит. Церемонијата на доделување на наградите беше проследена со многу емоции, а Стефановски доби и овации на сцената додека се заблагодаруваше за укажаната чест и се присетуваше на важните моменти од неговата долга кариера пренесуваат хрватските медиуми.
Стефановски за хрватскиот медиум „Tportal“ изјави дека најголемото достигнување е да се остане жив во времиња кои се доста опасни и сурови.
„Би сакал да „одговорам“ на проектите што ми доаѓаат на патот. Не сакам ништо да форсирам. Што ќе се појави – ајде да го направиме, а што нема да се појави – ќе му дојде на некој друг. Не форсирам ништо, сакам да соработувам со луѓе со слични вкусови. Секако, би ми ласкало ако некое големо име ме покани да свирам со нив, да работам проекти со луѓе што ги сакам и почитувам. Младите луѓе често се нетрпеливи, сакаат веднаш да добијат Греми награди и пари. Мојот пат беше поинаков“, рече Стефановски.
Во пресрет на доделувањето на наградите „Порин“, Влатко Стефановски настапи и во концертната сала „Иво Тијардовиќ“ , каде беа распродадени сите билети.
Инаку наградата „Порин“ е најпрестижната музичка награда во Хрватска. Таа се доделува од 1994 година и ги наградува најдобрите достигнувања во музиката – како што се албуми, песни, изведувачи и продуценти.
Името го носи по операта „Порин“ од хрватскиот композитор Ватрослав Лисински. Наградата се смета за хрватски еквивалент на Греми наградите и има големо значење за музичката индустрија во регионот.
Т.Д.
