Казината и обложувалниците се сѐприсутни во нашето секојдневие, а тоа се гледа и преку официјалните податоци, но и истражувањата на терен. Според Управата за јавни приходи, вкупните уплати во казина, автомат клубови и спортски обложувалници во Македонија лани изнесуваат 2,83 милијарди евра, од кои најголем дел од парите играчите ги оставиле на автомати, дури две милијарди евра. Дали тоа може да се дефинира како забава со игри на среќа или потрага по лесна заработка?
– Коцкањето дефинитивно влегува во групата на зависност, кога зборуваме за патолошко коцкање. И зошто велиме дека тоа е зависничко однесување? Бидејќи коцката, како и сè друго што е зависничко, доколку станува збор за алкохол, храна, дрога и сè друго што влегува во зависничко растројство, станува центарот на светот. И не е само коцкањето во коцкарниците, туку имате вие и онлајн обложување, односно онлајн коцкање, кое што можеби е и уште поопасно“, вели проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Ангелковска, директорка на Универзитетска клиника за психијатрија.
Особено загрижуваат резултатите што ги презентираше неодамна Институтот за јавно здравје, според кои секој четврти ученик се коцкал за пари, а алармантно е што се зголемува и проблематичното коцкање.
– Адолесценцијата, сама по себе, е ризичен период, каде што адолесцентот е склон кон тоа да ризикува, сака да проба, сака да експериментира со сè. Доколку му е достапно нешто кое што е ризично, односно доколку му е блиску и лесно достапно, тогаш ризикот да влезе во такво ризично поведение, се разбира дека е поголем. А, голем дел од нив и не се доволно информирани дека навистина влегува во зависничко однесување и кои се последиците од таквото однесување. Но исто важни се и едното и другото: информација, едукација и образование во однос на сево ова и недостапност, односно да нема, прво ги има многу, а второ да биде забранет пристапот за малолетни лица“, вели проф. д-р Славица Арсова Хаџи-Ангелковска, директорка на Универзитетска клиника за психијатрија.
Додека граѓанските здруженија бараат дислокација на казината и обложувалниците подалеку од образовните установи, приредувачите на игри на среќа тврдат дека тоа нема да го реши проблемот, туку само ќе го продлабочи бидејќи ќе се остави простор за нелегално коцкање. Сепак, од Владата најавија дека работат на нов Закон за игри на среќа, којшто ќе донесе поголема регулација и контрола на секторот, а освен оддалеченост од училишта, се предвидуваат зголемени давачки и надоместоци за игрите на среќа.
Мирјана Јовеска
