Ефикасно судство не е можно без доволно ресурси, порача евроамбасадорот Михалис Рокас кој потенцираше дека и во буџетот за 2025 не беа овозможени доволно финансии за правосудството – 0,3 посто од БДП, што е далеку од законски предвидените 0,8. Граѓаните очекуваат независно и ефикасно судство, порача Рокас и посочи на оценката во последниот извештај на Европската комисија (ЕК).
„Судскиот систем на Северна Македонија останува меѓу некое одредено и умерено ниво на подготвка и не бележи напредок. Ова е бирократски термин, но во реалноста оваа проценка ја рефлектира долгорочната загриженост поврзана со политичкото мешање, ограничената финансиска независност, слабостите во владеењето и ограничувањата на човечките ресурси. Овие недостатоци директно влијаат и на независноста и на ефикасноста на судскиот систем“, изјави евроамбасадорот Михалис Рокас.
Недостатокот на средства, судии, обвинители, но и стручни соработници ги посочија и првите луѓе во правосудството, според кои за ажурна и квалитетна правда е потребна финансиска независност. Но, ја истакнаа и улогата на судиите во заштита на независноста.
Според министерот за правда, дигитализацијата е еден од клучните столбови за развој на судството.
„Развој на дигиталните алатки во правосудството и поврзаноста со другите институции, како можност за онлајн судски постапки. Инвестициите во интегрирани системи за управување со предмети, целосно дигитални судски досиеја и следење на постапките не се иднина, тие се сегашност и реална потреба“, порача министерот за правда, Игор Филков.
На конференцијата организирана во рамки на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото” на која присуствуваа судии, обвинители, експерти, невладини, се дисктуриаше и за АКМИС систмеот за патоказот за човечки ресурси за судската мрежа.
Елена Ивановска Мукоска
