Вести Македонија Најважни

Наместо да ја отстранат пиротехниката, бркале малолетници – обвинение против полицајците за „Пулс“

Три различни обвиненија против 23 полициски службеници поврзани со незаконитости во работењето на дискотеката „Пулс“ во Кочани поднесе денеска Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

За директна поврзаност со пожарот од 16 март во 2025 година, во кој загинаа 63 луѓе, а над 200 беа повредени, се обвинети 13 полициски службеници. Тие се товарат за најтешкото дело „Тешки дела против општата сигурност“. Обвинети се девет полицајци од Кочани и Пробиштип кои кобната вечер вршеле акциска контрола во дискотеката, како и четворица началници – двајца од СВР Штип и двајца од ОВР Кочани кои го изготвиле и одобриле Планот за акциска контрола, без да проверат дали ги опфаќа сите проверки во надлежност на МВР и дали се почитувани одредбите од Стандардните оперативни процедури за проценка и управување со ризик. Полицајците кои биле во контрола во дискотеката се товарат зашто наместо да ја отстранат пиротехниката, барале дали има малолетници.

„При контролата во кабарето не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту било спречено користење на непријавена пиротехничка опрема, што довело до настанување на пожарот“, велат во Обвинителството.

Друга кривична пријава за злоупотреба на службена положба е поднесена против девет полицајци кои дале согласност за дискотеката „Пулс“ да ги добие лиценците за работа во 2022 и во 2023 година. Тие потпишале дека дискотеката има 20 сопствени паркинг места за да може да ги добие лиценците, иако немало. Телма веќе објави дека истрагата против нив за тешки дела против општата сигурност е запрена. Обвинителката Ивана Трајчева вели истрагата за тоа дело е запрена, но се обвинети за злоупотреба.

„Бројот на паркинг места не може директно да се поврзе со пожарот, но има елементи на злоупотреба“, вели обвинителката Ивана Трајчева на брифинг со новинарите.

Дискотеката вадела лиценци и во 2012, 2018 и во 2019 година, но со оглед на тоа што специјализираното одделение за гонење кривични дела од полициски службеници е основано на крајот на 2018 година, нема надлежност за кривични дела сторени претходно, и претходните согласности се вратени во ОЈО Кочани. Но, тие дела се веќе застарени и за злоупотреба не може да одговараат полицајците што тогаш потпишале дека има паркинг.

Дополнително, за злоупотреба на службената должност се обвинети уште тројца полицајци кои во 2024 година, поради присуство на малолетници, поднесувале прекршочни пријави против неактивна фирма на газдата на „Пулс“, наместо против фирмата која во моментот управувала со клубот. Двајца од овие тројца се вклучени и во едно од другите две обвиненија.

За пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани веќе има судење. Обвинети се 35 луѓе и три фирми за тешки дела против општата сигурност, кои се товарат за директна поврзаност со пожарот.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Најавите за воведување електронско гласање за дијаспората за изборите во 2029 година за Филипче се потенцијален извор на изборни манипулации

Дејан Дејан

Најмалку 188 загинати и над 1500-тини повредени во двата разорни земјотреси во Венецуела – спасувачите трагаат по преживеани низ урнатините

Дејан Дејан

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ игра на картата на национализам и популизам само за да опстане на власт

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе