Просечната плата во земјава во 2024 година пораснала номинално за 9,2 проценти, а реално за 5,1, додека очекувањата се инфлацијата во текот на годинава да не надмине 3 проценти, посочува гувернерот на Народната банка, Трајко Славески во објавен статус на социјалната мрежа Х.
Во осврт на протестот на Сојузот на синдикати на Македонија за зголемување на минималната плата и на останатите плати, гувернерот нагласува дека е важно решенијата за растот на платите да се темелат на постојните законски рамки и на економски одржливи критериуми.
Славески потсетува дека Законот за минимална плата предвидува автоматско усогласување на минималната плата во март, врз основа на законски утврдена формула, при што е обезбеден праг од 57 проценти во однос на просечната плата.
Во тој контекст, тој укажува дека меѓународните препораки, вклучително и оние на Меѓународната организација на трудот и Европската унија, упатуваат на значително пониски соодноси меѓу минималната и просечната плата.
Според гувернерот, социјалниот дијалог за платите треба да се води врз основа на објективни и мерливи показатели, а не врз основа на анкетни изјаснувања.
Како клучни критериуми тој ги наведува зачувувањето на куповната моќ на работниците преку усогласување со инфлацијата, како и учеството на трудот во економскиот раст преку зголемена продуктивност.
Славески пишува дека корекцијата на платите треба да ја земе предвид и претходната инфлација, за да се надомести евентуалното намалување на куповната моќ, како и очекуваната инфлација, согласно прогнозите на релевантните домашни и меѓународни институции, со можност за дополнување со растот на продуктивноста на трудот.
ОДГОВОРНО ПРЕГОВАРАЊЕ ЗА ПЛАТИ
Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) организира протест за зголемување на минималната (со закон утврдена) плата за цели 50% и на сите други плати за по 6.000 денари. Не им одговара системското решение од Законот за минимална плата според кој…
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) January 28, 2026
