Вести Македонија Топ вести

Филипче ќе бара од ЕУ заштита од медиумски линч

Претседателот на СДСМ ќе реагира до Европската унија (ЕУ) за, според него, координираната и организирана кампања на медиумски линч зад која, како што рече, стои власта на ВМРО-ДПМНЕ. Како илустрација презентираше „галерија“ од, според него, 1.000 токсични наслови, тврдејќи дека станува збор за систематска хајка насочена кон дефокусирање на јавноста од реалните проблеми и од темите што опозицијата ги отвора во јавноста.

„Уште денеска ќе се обратиме до Европската унија, до нејзините институции и до сите меѓународни организации за заштита на слободата на говор и слобода на медиумите“, најави Венко Филипче, претседател на СДСМ.

Во таа кампања обвини дека се вклучени и поранешните функционери на СДСМ кои деновиве јавно излегуваат со критики против него. Нема намера да му се извини на екс-директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, за обвинувањата дека одработува и е координиран со ВМРО ДПМНЕ. Ги отфрла и тврдењата на екс-градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, дека половина пратеничка група и општински активисти ќе му откажат послушност.

„Нека тужи Јован Деспотовски колку сака, нема извинување за соработници на ненародна власт. Пратеничката група е синхронизирана, имаме чести координации, се договараме за сите потези, деновиве се договаравме и за „Сејф сити““, рече Филипче.

Деспотовски, кој му беше противкандидат на Филипче за претседателската позиција во СДСМ, најави тужба за обвинувањата.

„Станува збор за свесна клевета и политичка хајка, која нанесува штета не само на моето име и интегритет, туку се гази и угледот на партијата. Доколку веднаш не следи јавно извинување и повлекување на сите лажни и навредливи наводи во серијата соопштенија, ќе бидам принуден да преземам правни чекори за клевета и лична, а потоа и за континуирано нарушување на угледот на СДСМ“, напиша Деспотовски на Фејсбук.

Шилегов, пак, синоќа, во „Топ тема“ на Телма побара оставка од актуелното раководство на партијата.

Кога ќе излезат од партијата дел од пратениците, можеби половина од пратеничката група, кога дел од општинското раководство ќе ви ги затвори вратите, тогаш ќе сфатите дека мора да си заминете од функција“, рече Шилегов.

Шилегов ја оспорува и легитимноста на конгресот што ќе се одржи во сабота, поради, како што вели, големата апатија во партијата и пасивизацијата на членството. Тврди и дека до делегатите и до општинските организации на СДСМ не се испратени конгресните материјали, предлог заклучоците, ниту, пак, предлог политичките одлуки што треба да бидат разгледувани и донесени на самиот конгрес.

Филипче, пак, му порача дека вратите се отворени за сите, дека на Конгресот ќе ги презентира новите постулати, а најави и дека партијата ќе се прошири, односно во неа ќе се претопи партијата ПОЕН на Рубин Земон.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Поранешниот директор на Онкологија Нино Васев пуштен на слобода откако судот прифати парична гаранција

Дејан Дејан

Лидерите на ЕУ едногласно ја потврдија поддршката за Украина

Дејан Дејан

Загинаа три лица откако американската војска изврши напад врз брод кој наводно бил вклучен во шверц на дрога

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе