Трговскиот договор меѓу Европската Унија и САД ќе биде суспендиран од Европскиот парламент по заканите од американскиот претседател Доналд Трамп за преземање на Гренланд и за воведување на ноци царини.
Суспендирањето ќе биде објавено утре попладне во Стразбур, јавува „Би-Би-Си“.
Договорот беше постигнат лани во јули, меѓу претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на САД, Доналд Трамп на голф терени во Шкотска. Со него се предвидуваше намалување на американските царини на сиот увоз од ЕУ на 15 отсто, што во тоа време се сметаше за добар епилог, со оглед на намерите на Трамп за царини од 30 отсто.
Додека договорот беше во финална фаза, ЕУ ги суспендира своите одмазнички тарифи за стока вредна 93 милијарди долари што ги купува од САД. Суспензијата истекува на 6 февруари, а без продолжување или парламентарно одобрување, тарифите на ЕУ за американски стоки ќе почнат да се применуваат од 7 февруари.
