Вести Економија Македонија Најважни

Инфлацијата ја испости сармата – месото поскапува, зеленчукот поевтинува

Инфлацијата не попушти. Трошоците за живот лани биле повисоки за 4,1 отсто во однос на 2024 година, објави Државниот завод за статистика. Синдикатите бараат итна реакција од надлежните, во спротивно велат проблемите со цените ќе се продлабочат.

Од извештајот на статистичарите може да се види дека поскапување има во сите области.

Кај храната и пијалоците цените за една година се зголемиле за 5,2 отсто, најмногу кај овошјето, но поскапеле и другите производи, месото, млекото, сирењето, јајцата, лебот. За една година, пак, цените на кафето, какаото и чајот пораснале за дури 30 отсто, но станува збор за берзански производи.

Од извештајот може да се забележи дека единствено поевтинување има кај зеленчукот.

За 7,2 отсто поскапеле рестораните и хотелите, а кај културата и рекреацијата за 6,4 отсто. Поскапела и здравствената заштита и облеката и обувките. Цените на мало, пак, пораснале за 3,6 отсто.

Од ССМ бараат државата итно да преземе нешто, иако сметаат дека е веќе доцна за тоа.

„Владата треба да застане на овој инфлациски бран и да ги заштити и онака ниските работнички плати, но, за жал, повеќе од половина година не видовме никакви конкретни активности, освен изговори и надеж дека инфлацијата ќе биде на ниско ниво. А, се покажа дека инфлацијата во Македонија можеби ќе заврши на највисоко ниво во регионот. И пак ќе повторам, доколку на тоа ги додадете ниските плати кои се најниски во регионот и во Европа, тоа е сериозен индикатор“, изјави претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.

Велат дека и поголем дел од домаќинствата не можат да си ги овозможат основните производи, не само поради високата инфлација, туку и поради ниските плати.

Откако минатата година премиерот Мицкоски со месеци најавуваше дека ќе се донесат мерки против високите цени и тоа не се случи, вчера излезе со предупредување до маркетите – „ако не ги почитуваат законите, ќе мора да стават клуч на врата“. Соопшти дека има докази дека некој од нив го изигрувале Законот за нефер трговија. Се зборуваше и дека ќе се донесат и неколку кошнички, но не се креираа, а сè уште се чека да се донесе и онаа владината, откако за кошничката на ССМ се изјаснија дека во нејзе имало спорни работи.

Прогнозите на експертите, пак, се дека како и претходно така и оваа година ќе се бориме со инфлацијата и високите цени. Само за споредба, во Европа во најголем дел од земјите во декември инфлацијата се движи помеѓу 2 и 3 отсто, само во Естонија и Словачка имаат стапка на инфлација како тука. Во Хрватска и Австрија е нешто под овој процент.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иранците тврдат: Нема нови обврски за нуклеарната програма по разговорите со САД

Sasko Dimovski

Со двата гола против Австрија, Меси ја одведе Аргентина во нокаут фазата и стана прв стрелец во историјата на СП

Sasko Dimovski

Владата во Прага го иззема претседателот Павел за самитот на НАТО во Анкара – конфликт меѓу државниот врв на Чешка

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе