Бројот на загинати во катастрофалниот пожар во Хонг Конг достигна 128, а дури 200 луѓе и натаму се водат како исчезнати, соопштија официјални претставници денеска. Властите потврдија дека се уапсени уште осум лица, поврзани со трагедијата, пишува „Си-Ен-Ен“.
Пожар избувна во средата во станбениот комплекс Ванг Фук Корт во квартот Таи По и се прошири со неверојатна брзина, зафаќајќи седум од осумте облакодери и заробувајќи стотици станари. Властите предупрдуваат дека бројот на жртви би можел да порасне, истрагата е насочена кон откривање на причините за трагедијата.
Градското тело за борба против корупција денеска објави дека се уапсени осум луѓе, меѓу кои и двајца директори на консултантска компанија која советувала за работи на одржување на комплексот, двајца лидери на проекти за надзор на работите, тројца подизведувачи за скеле и еден посредник.
Инспекциите по пожарот утврдија дека противпожарните аларми во сите осум згради биле „нефункционални“, потврди директорот на протипожарната служба, Енди Јеунг. Не е познато дали алармите работеле во денот на пожарот, меѓутоа станари за „Си-Ен-Ен“ изјавија дека не се огласиле. Причината за пожарот сè уште се утврдува, но истрагата се бави и со брзината со која се ширел огнот од зграда на зграда.
