Родителите на загинатите деца во кочанската трагедија, ќе добијат шанса да се обратат пред собраниската Постојана анкетна комисија за заштита на човековите слободи и права. Откако поднесоа претставка, претседателот на комисијата, Димитар Апасиев, закажа седница на 9 декември, за да не се преклопи со судските рочишта.
Се работи за редовна седница што комисијата ја одржува кога постапува по претставки на граѓани. На неа е поканет целиот државен врв: претседателот и потпретседателите на Собранието, премиерот, претседателот на државата, министерот за внатрешни работи и координаторите на пратеничките групи.
Во однос на укажувањата од експерти, дека Парламентот не смее да се меша и расправа додека трае судската постапка, Апасиев вели дека ова не е мешање, затоа што ќе се утврдува само политичката одговорност и институционалните пропусти што доведоа до трагедијата.Се очекува и да се понудат законски измени.
Но доколку мнозинството пратеници не се појават на седницата, таа нема да има кворум за работа и ќе се прекине.
Од ВМРО-ДПМНЕ, кои и самите поднесоа барање за анкетна комисија, не сакаа да ја коментираат денешната иницијатива. Од „Вреди„, исто така нема став за оваа комисија. Само соопштија дека поддржуваат формирање на анкетната комисија, на која ќе се расправа и за случаите „Дурмо Турс„, „Беса Транс„ и модуларната болница, затоа што сметаат дека „само таков сеопфатен пристап може да ги истакне неуспесите и институционалните празнини што одзедоа животи“.
Далиборка Демјанска Цветановска
Дигитална обработка: T.Д.
