Синоќа во салата Јане Сандански додека траел концерт на српскиот рап-пејач Девито имало две закани за поставени бомби. Од МВР потврдија дека се проверене и било утврдено дека се лажни.
-На 22.11.2025 во 20:51 часот и 21:17 часот на линијата за итни повици 112 се добиени телефонски пријави за наводно поставени експлозивни направи во објектите на Спортската сала „Јане Сандански“ и хотелот до неа. Веднаш се преземени неопходните мерки и активности од страна на полициските службеници, извршени се потребните проверки и утврдено е дека станува збор за лажна пријава. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, одговорија од МВР.
Според сознанијата на Телма и двата повици се дојдени од телефони кои веднаш по јавувањето се исклучени. Но, полицијата успеала да лоцира за разлика од два претходни случаи со истата промотерска куќа кога нивни концерти биле празнети поради лажни закани за бомба. Повиците биле од државата.
Но, за време на концертот не била испразнета салата и пејачот познат по носење на маска за да го крие лицето, го одржал до крај односно до 23 часот. Извори на Телма објаснуваат дека претходно, поради искуството на промотерот со лажни закани, тој ја известил скопската полиција и бил направен специјален план за да се избегнат несакани последици.
Пред концертот, антитерористички тим направил проверка на празната сала, а организаторот на концертот имал и детектори за метал. Сепак заканите повторно дошле, а проверката била брзо завршена поради претходните подготовки на концертот. Еден повик е лоциран и полицијата е во обид да го пронајде јавувачот на лажната закана.
За два дена ова е втор концерт на кој се појавуваат безбедносни ризици иако оној на турбо фолк пејач во кафуле во Кавадарци е многу поопасен поради преголемиот број на гости на концерт кој не бил соодветно пријавен. Од пазарната инспекција тврдат дека постојано се вршат проверки на места каде се собираат млади на организирани концерти и јавни настапи.
-Неделно правиме по десетици проверки и во случаите кога откриваме непочирување на законот или се затвораат угостителски објекти. По Кочани постојано сме на терен. Во конкретниот случај беа регистрирани многу прекршоци, а ние ќе издадеме платни налози за глоба на сопственикот на објектот бидејќи се утврдени два прекршоци, пречекорување на бројот на гости и пушење во затворен простор. Во тек се подготовки на измени на Закон за угостителска дејност и за вакви дејства се планира воведување на кривични дела за сопствениците на објектите кои ги ставаат во опасност, сопствените гости, вели за Телма, Влатко Стојкоски, директор на Државен пазарен инспекторат.
Концертот на турбо фолк пејачот Аца Лукас беше прекинат, а тој немал законски престој со пријавен концерт поради што е казнет ама со 50 евра. Кавадаречекиот градоначалник Митко Јанчев пак тврди дека општината на сопственикот на кафулето не му ја издал потребната дозвола и дека не смее да се дозволи нов кочански случај со пренатрупани локали наместо со нормален број на гости.
Миомир Серафиновиќ
