Вести Македонија Топ вести

Одлив во здравството: Каде одат нашите лекари?

Загрижувачка тенденција во здравството – Македонија за една година изгубила петстотини лекари. Според податоците од Регистарот на лиценци на Лекарската комора, земјата годинава има помалку лекари во однос на лани. Бројките беа откриени во интервјуто на министерот за здравство, Азир Алиу, за РСЕ. Претставниците на фелата, пак, предупредуваат – ваквиот тренд може да доведе до сериозни последици по системот, а неофицијалните бројки се уште посериозни.

„Пред сѐ, би рекол дека тоа е официјалната бројка на заминати лекари. Јас сум речиси сигурен дека бројката неофицијално е поголема, барем за половина од бројката од 509 лекари, поради тоа што лиценците коишто ги добиваат во одредена ситуација се само условно кажано нешто коешто одреден дел од колегите ги имале, а одреден дел немале лиценци и заминале без да завршат стручен испит во Македонија, туку едноставно по завршување на факултетот заминуваат од државата. Одливот ќе го почувствуваат најмногу луѓето коишто се лечат државно, односно луѓето коишто го користат јавното здравство. Оној којшто има пари, којшто има финансии да си дозволи приватно лечење ќе го направи тоа и тука, ќе го направи и во Косово, ќе го направи и во Србија“, објаснува д-р Бојан Трајковски, матичен лекар.

Од Лекарската комора со појаснување – велат дека нивниот регистар не препознава кои и колку лекари се заминати во странство туку едноставно колку од нив имаат активна лиценца. Според евиденцијата на комората, на крајот на 2024 година, бројката на активни лиценци изнесувала 9777. Оваа година, односно заклучно со минатата недела бројот на активни лиценци изнесува 9253. Според нив, намалувањето се должи на тоа што, оваа година низ процес на обновување на постоечките лиценци требало да помине поголема група на лекари или околу 2600, а поради исполнување услови за пензија, дел од нив не ги обновиле лиценците за работа.

„Напоменуваме и дека во вкупната бројка на активни лиценци влегуваат сите доктори, без разлика дали работат во земјава или заминале во странство. Исто така има и лекари кои иако работат во странство сѐ уште ја продолжуваат и лиценцата за работа во нашата земја. Истакнуваме дека Комората не располага со прецизен податок за тоа колку лекари заминале да работат во странство, бидејќи тие не секогаш доставуваат информација за тоа дека се отселиле или времено заминале да престојуваат и работат во друга држава, а Комората овој податок го добива единствено од самите доктори“, велат од Лекарската комора.

Сепак, иако не постои точната бројка, доктор Трајковски нотира дека одливот на лекари со години претставува сериозен предизвик за здравствениот систем, Македонија веќе се соочува со зголемена побарувачка за медицински услуги поради стареењето на населението, а со тоа се зголемува и обемот на работа за лекарите овде. Причините за заминувањето на кадарот се бројни, а за да запре трендот прво е клучно да има политичка волја, вели д-р Трајковски.

„Во принцип, секогаш се говори за платите, но јас би рекол дека повеќе се административните потешкотии односно онаа несигурност дали вие како млад лекар ќе добиете работа. Верувајте, платите што ги добиваме во странство нема да ги добиеме тука меѓутоа барем ако успееме сигурноста, тоа што државата го нуди како држава на млад човек пред сѐ – не мора да е лекар, им го понудиме на младите лекари, веднаш и автоматски да ги вклучиме во системот, верувајте, јас сум сигурен дека ќе промениме барем 50% од нив да останат во државата“, рече д-р Бојан Трајковски, матичен лекар.

Министерот за здравство, Алиу, посочи дека е изготвена Национална стратегија за тоа какви кадри се потребни, но и дека се работи на тоа да се дисперзираат медицинските услуги за пациентите во внатрешноста.

Петар Догов

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Во долниот дом на парламентот во Букурешт без дебата или гласање – помина законот за обединување на Романија и Молдавија

Дејан Дејан

Пратеничка кавга за платите во одбрана – две години не се зголемени, а и буџетот паѓа

Дејан Дејан

Црвени предупредувања за екстремна жештина ширум Западна Европа – метеоролозите велат ова ќе потрае

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе