Привршуваат подготовките за стартот на откупот на тутунот, кој законски ќе започне на 15 ноември и ќе трае до 28 февруари наредната година.
Десетте откупни компании кои треба да преземат околу 22.000 тони тутун се во финална фаза на верификација на мострите во Институтот за тутун во Прилеп, по што на 18 ноември ќе ги отворат пунктовите низ земјава.
Претседателот на Сојузот на земјоделските здруженија, Кире Ристески, изјави дека годинава има рекорден број од 337 откупни ваги, што ќе овозможи побрз и поефикасен откуп. Тој очекува подобра цена од минатата година, благодарение на повисокиот квалитет на родот, иако сушата го намали вкупниот принос.
Според новите законски измени, за време на откупната кампања – од 15 ноември до 28 февруари – е забранет увоз на тутун во земјата.
