Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ одобри на Унгарија едногодишно изземање од санкциите поврзани со купувањето руска нафта и гас, потврдија од Белата куќа за Би-Би-Си.
Одлуката следува по средбата меѓу Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Вашингтон, каде што двајцата лидери разговараа за енергетската зависност на Унгарија и војната во Украина.
Трамп изјави дека го разбира Орбан бидејќи „му е многу тешко да обезбеди нафта и гас од други извори“, додавајќи дека Унгарија, како земја без пристап до море, се соочува со големи логистички предизвици.
Како дел од договорот, Будимпешта се обврза да купи неколку стотици милиони долари вреден американски природен гас.
Одлуката се смета за голема дипломатска победа за Орбан, кој предупреди дека санкциите би ја уништиле унгарската економија.
Потегот, сепак, предизвика незадоволство во повеќе европски престолнини, каде што долго време се критикува пријателскиот однос на Орбан кон Москва.
Двајцата лидери, исто така, изразија надеж дека ќе се најде решение за конфликтот во Украина, при што Орбан оцени дека „само САД и Унгарија навистина сакаат мир“.
