Примената на вештачката интелигенција во здравството има голем потенцијал за подобрување на дијагностиката, персонализираната медицина и откривањето нови лекови со помалку несакани ефекти.
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека во рамките на пилот-проект веќе се воведува теле-медицина во Дебар и Делчево, а истовремено се работи на измени на 12 закони за дигитална трансформација на здравствениот систем.
Алиу нагласи дека технологијата нема да ги замени лекарите, туку ќе им овозможи да работат поефикасно, намалувајќи го времето потрошено на административни задачи.
Централизиран систем ќе овозможи интеграција на податоци од сите здравствени институции, со што граѓаните ќе имаат полесен и побрз пристап до здравствени услуги, додаде министерот.
На „Health Innovation Expo 2025“ експертите потенцираа дека дигитализацијата и вештачката интелигенција се клучни за модернизација на здравството, олеснување на клиничката пракса и подобрување на квалитетот на здравствената заштита.
Саемот ги собра водечките компании и институции кои ги презентираат своите технолошки решенија и иновации во медицината, стоматологијата и фармацијата.
