Вчера дојде на функцијата градоначалник на Скопје и избрка 371 вработен од јавните претпријатија, а веќе денеска таа бројка се доближи до 400. Орце Ѓорѓиевски, новиот татко на градот, поради злоупотреби на службената должност и недоаѓање на работа, а земање плата, отпушти 398 работници и раководители од 6 јавни претпријатија. Вели, отпуштањата биле законски поради тоа што некои од избрканите 3 години не доаѓале на работа, а законска основа за бркање се веќе 3 последователни денови отсуство без оправдана причина, што исто така се случувало. Градоначалникот кажа дека со отпуштањата ќе се заштеди од буџетот на градот и претпријатијата, што досега се трошел недомаќински.
- Сега се 400 лица. Убеден сум дека ќе пронајдеме до 500 бројка за многу скоро од денес. 500 луѓе да земаат плата се најмалку 5 милиони евра од граѓаните годишно. За 4 години , тоа се 20 милиони евра . Или во превод, тоа е Луна паркот што треба да го направиме, а го чекаат граѓаните во Скопје и генерации израснавме без Луна парк. Е, до тој спепен некој недомакински го третирал буџетот на Град Скопје и на јавните претпријатија, кажа Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Скопје.
Најголем број избркани од работа се од „Комунална хигиена“- 162. Иста е бројката и од „Паркови и зеленило“, каде има плус 13 со решение. Од „ Дрисла“ се отпуштени 31, од „ Градски паркинг“ 14, „ Улици и патишта“ -13, а од „ Водовод“ – 3. Нема да има конкурси за пополнување на испразнетите места зашто според градоначалникот, претпријатијата функционирале и без нив, а Ѓорѓиевски смета дека бројката на вработени во јавните претпријатија треба да се редуцира, а не да расте. Тој најави дека сите избракани наскоро ќе бидат објавени со име и презиме.
Градоначалникот најави етапно назначување в.д. директори на јавните претпријатија , а во дел од нив ќе се спроведат конкурси за нови раководители, со цел менување на менаџментот.
Сотир Трајков
