Политички сојузници и лични пријатели, но американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан се разидуваат по едно прашање, купувањето руска нафта и гас.
Унгарскиот премиер пристигнува денеска во Вашингтон со надеж дека токму пријателството со Трамп ќе му помогне да добие отстапки од американските санкции против двата руски енергетски гиганти, Роснефт и Лукоил, кои ја погодија и неговата држава.
Кога Доналд Трамп ја презеде функцијата сѐ се промени. Наместо непријателски однос, во Белата куќа и Вашингтон Унгарија сега е сметана за пријател. Доналд Трамп во повеќе прилики изјави дека унгарскиот премиер го смета за пријател, рече унгарскиот минситер за надворешни работи Петер сијарто коментирајќи ја средбата меѓу трамп и орбан.
Орбан е во незавидна позиција не само на меѓународната сцена, туку и дома во Унгарија, каде за прв пат од доаѓањето на власт во 2010 година е во опасност да ги изгуби следните избори.
Анкетите покажуваат дека тој заостанува зад поранешниот сојузник Петер Маѓар, и една од главните негови политики за задржување на власта е гарантирање евтина енергија за Унгарците.
Орбан од почетокот на војната во Украина и меѓународната изолација на Русија, инсистира дека алтернативниот нафтовод Адриа од Хрватска нема капацитет да ги задоволи потребите на Унгарија, и затоа ако подлегне на притисокот од Трамп и се докаже дека Адриа може да ја снабдува Унгарија, тоа би му нанело значителна политичка штета дома.
Ние во Унгарија се потпираме на одредени транспортни рути на енергија. Тоа во најголем дел се цевководи. Секако постојат и електрични мрежи, но тие се друга работа. Мораме да ги користиме цевководите затоа што во спротивно ќе немаме никаква енергија. На Американците можеби не им е позната оваа чудна ситуација. Мораме да им ги објасниме на Американците тешкотиите со кои се соочуваме ако сакаме да добиеме отстапки во американските санкциите врз руската енергија, тврдеше унгарскиот премиер минатата недела.
Но, пред само еден месец се чинеше дека Орбан е на чекор до успех. Најавениот самит меѓу Трамп и Путин во Будимпешта ќе му послужеше како платформа пред Унгарците да се покаже како влијателен глобален лидер и политичар чиј став од самиот почеток бил исправен.
Иако самитот беше одложен на неопределено време, и Трамп воведе нови санкции за Русија обидувајќи се да го принуди Путин да седне на преговарачка маса, Орбан сѐ уште инсистира дека самитот ќе се одржи.
Ситуацијата е многу полоша од пред една година. Тогаш и Американците ја поддржуваа војната, сега единствено Европејците и Украинците го прават тоа. Американците сега се на страната на мирот, а Русите исто така стигнаа до момент каде под одредени услови би прифатиле мир или примирје, смета орбан.
Официјално, Американците категорично ја отфрлаат можноста да бидат направени специјални исклучоци за Унгарија. Напротив, Вашингтон ѝ понуди помош на Унгарија да ја намали својата зависност од руски енергенси.
Досега Орбан постојано седеше на страната на Трамп, но сега ќе седи пред него и од прва рака ќе почувствува колку убедлив може да биде американскиот претседател.
Игор Трајков
