НАТО е подготвен да ја брани секоја педа од територијата на Алијансата, вклучително и Романија, увери денес во Букурешт генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој пристигна во својата прва официјална посета на земјата откако ја презеде функцијата.
Посетата на Руте доаѓа по официјалното соопштение од минатата недела дека САД го намалуваат своето воено присуство во Романија и други источноевропски земји, како и во екот на инцидентите со руски дронови што влегуваат во воздушниот простор на земјите од НАТО во последните месеци, забележаа романските медиуми.
НАТО е подготвен да направи сè што е потребно за одбрана, вклучително и активности како што е мисијата „Источна стража“, кои ги зајакнуваат позициите на Алијансата по целото Источно крило, вклучително и во регионот на Црното Море, изјави генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, на заедничка прес-конференција со романскиот претседател Никушор Дан, јави телевизијата Диги 24.
– Во последните месеци, видовме руски дронови како влегуваат во вашиот воздушен простор. НАТО ги сфаќа сериозно овие инциденти. Ние ќе останеме будни. Одбраната и одвраќањето се од најголема важност, рече Марк Руте на прес-конференцијата.
Генералниот секретар на Алијансата увери дека НАТО е подготвен да го стори она што е потребно и даде пример со мисијата „Источна стража“, која ги зајакнува позициите на Алијансата низ целото Источен Крило, вклучително и во регионот на Црното Море. Според него, ова е пристап заснован на принципот „поголем капацитет кога е потребен, каде што е потребен“.
