Повеќе лица, меѓу кои и директор на Платежната агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) се приведени во акција на јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и министерството за внатрешни работи (МВР).
Според информации на Телма, поткуп во износ од 5.000 евра бил баран за да се исплатат побрзо и преку ред, пари од проект финансиран од странски фондови. Со истрагата е опфатен и поранешен пратеник од Струга, дознаваме од истрагата која продолжува. Извршени се и повеќе претреси, соопшти првично ОЈО ГОКК.
„Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК во моментот истражители од истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на МВР вршат претреси на повеќе локации низ државата поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа“, одговараат од обвинителството и најавија повеќе детали за утре.
