Мислам дека не е фер Северна Македонија да се става во истиот кош со Србија и Босна и Херцеговина, кога станува збор за напредокот на европскиот пат, изјави словенечката европратеничка Ирена Јовева.
– Морам да кажам дека Црна Гора и Албанија, а посебно Црна Гора, реално или најреално навистина е најнапред од регионот во однос на реформите и напредокот. Иако не би сакала да испадне дека ја критикувам еврокомесарката Марта Кос или Комисијата, но мислам дека малку не е фер да испадне дека сме, ако така смеам да кажам, во истиот кош со Србија, па и со Босна и Херцеговина, вели Јовева за МИА.
– Не е до толку дека македонската држава не напредувала, има напредок, но оценката е премногу генерална, премногу општа. Секако, не може да се каже дека Северна Македонија напреднала толку колку и Црна Гора, но заслужува да се каже јасно и гласно дека има напредок, потенцира Јовева која има македонско потекло.
