Кривичниот суд ги прифатил мерките на претпазливост за осомничениот за смртното прегазување на поранешниот долгогодишен директор на ОХИС, Јорго Ќука. Обвинителството не бараше притвор за 37-годишниот осомничен, иако тој го остави возилото и го напушти местото на несреќата. Ќука на 3 ноември, обидувајќи се со својот велосипед да го премине пешачкиот премин во близина на мостот „Гоце Делчев“ во центарот на Скопје, беше удрен со предниот дел на пасатот и од тешките повреди почина на лице место. Осомничениот подоцна во текот на денот беше уапсен од полицијата.
Одземени му се двата пасоша, македонскиот и српскиот и возачката дозвола, а има и забрана за напуштање на живеалиште и обврска да се јавува повремено кај надлежен државен орган.
Обвинителството отвори истрага која досега покажа дека осомничениот возел со поголема брзина од дозволената, која не му овозможувала да запре навремено во случај на потреба или пречка. Автомобилот бил на име на фирма.
Зошто не е побаран притвор наместо мерки на претпазливост од обвинителството велат дека тоа е проценка на јавниот обвинител што постапува во предметот врз основа на околностите. Осомничениот, според кривичната пријава, всушност не избегал од местото на несреќата, туку отишол на лекар. Се гони за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.
Од министерството за внатрешни работи (МВР) потврдија дека возачот бил уапсен во здравствена установа. Тој со такси, како што дознава Телма, по несреќата се упатил на државната клиника, правецот на движење е откриен од Сејф сити.
„Ве известуваме дека по преземени оперативно-тактички мерки од страна на полициски службеници од СВР Скопје, Х.К. беше пронајден и лишен од слобода во здравствена установа на територија на град Скопје“, информира МВР.
МВР после три и пол часа од несреќата соопшти дека го уапсила осомничениот за прегазувањето на Ќука, кој беше истакнат стопанственик, долгогодишен раководител и човек кој остави длабок белег во македонската индустрија и општество. Под негово раководство, ОХИС беше едно од најзначајните индустриски претпријатија во Македонија.
Околу тоа дека не е изречен притвор за осомничениот на социјалните мрежи реагираше и ќерката на Југослав Николовски Југо кој беше прегазен на пешачка патека во паркот на Франкофонијата. Таа коментира дека со притисок на јавноста се преиначила одлуката за обвинетиот моторџија Фатон Љури кој најпрвин доби домашен притвор, а потоа заврши зад решетки. Ќе бега и дома ќе биде. Додека нема казни. Ќе има тотално безредие, пишува ќерката на Југо.
Во овој случај обвинителството бараше притвор, но судот му изрече поблага мерка, за потоа да се приначи одлуката. Во изминатите неколку денови низ Македонија се случија повеќе тешки сообраќајни несреќи.
Марија Митевска
