Општински јавни претпријатија кои тонат во долгови, општини кои не можат да реализираат капитални проекти, ниту пак да прибираат даноци, зависност од финансиската помош на централната власт која потоа се користи за проекти кои се далеку од приоритет за граѓаните. Ова се само дел од проблемите кои експертите ги лоцираат при анализата на локалната самоуправа во Македонија.
Јавните претпријатија во Македонија должат вкупно речиси 700 милиони евра од кои 200 милиони се долговите на јавните претпријатија кои се формирани од општините.
Реализација на амбициозните предизборни ветувања на градоначалниците сигурно нема да има во целост, бидејќи ниту имаат финансиска конструкција, ниту пак општините имаат финансиска моќ. Приходи од прибирање на даноци се на ниско ниво, а капиталната и развојната структура е ограничена кај голем дел од општините.
Унгарскиот кредит не е единствената финансиска помош за општините во обидите тие да се раздолжат. Претходно државата им даде 50 милиони евра на општините без јасни критериуми и контролни механизми што според експертите е крајно опасно и загрижувачки.
Парите од унгарскиот кредит се трошат на разубавување на општините наместо на приоритетни проекти за граѓаните, смета Филков.
Единствена начин за намалување на долговите на општините и на општинските јавни претпријатија, според експертите, е преку само одржливост, но тука се јавува проблемот што јавните претпријатија по правило се пополнуваат со кадар од партиските списоци и листи и речиси ниту еден директор не е разрешен бидејќи претпријатието работи или работело со загуби.
Огнен Чанчаревиќ
