Трагедија во Босна и Херцеговина. Заглушувачки сирени на возила на итната медицинска помош синоќа го нарушија мирот во Тузла и внесоа вознемиреност меѓу жителите. Единаесет луѓе загинаа, а 38 се повредени и хоспитализирани по пожар што ибувна на седми кат во Дом за пензионери во градот. Меѓу нив и полицајци и пожарникари. Станарите и вработените во Домот се соочиле со огнот синоќа пред 21 часот, локализацијата и гаснењето траепо нешто повеќе од еден час. Паралелно се одвивала и исклучително комплексна спасувачка операција на повозрасни болни и неподвижни лица на безбедно.
„Во текот на ноќта, примивме 20 пациенти на клиниката за белодробни заболувања, меѓу кои тројца полицајци и шест пожарникари. Другите се станари и вработени во Домот за стари лица. За жал, една пациентка почина во текот на ноќта на клиниката од белодробни заболувања. Други се хоспитализирани на клиниката за анестезија и реанимација, а таму има осум пациенти. Пет од нив се на респиратори и се наоѓаат во исклучително тешка состојба“, изјави Секиб Умиханиќ, директор на болницата во Тузла.
„Ситуацијата беше сложена и тешка, со оглед дека гореше седмиот кат. Сакам да се заблагодарам на пожарникарите од Тузла, од Горна Тузла, од Сребреник, како и на припадниците на министерството за внатрешни работи кои дојдоа во огромен број во униформа и во цивил и да помогнат за речиси 62-ца станари на седмиот и шестиот кат во Домот за стари лица да се евакуираат на безбедно“, рече Зијад Лугавиќ, градоначалник на Тузла.
Причините за пожарот засега се непознати. Увидот, кој почна ноќеска, продолжи и во текот на денешниот ден. На лице место се и вештаци, а кантоналниот обвинител нареди обдукција на телата на загинатите за утврдување на точните околности под кои настапила смртта кај жртвите. Директорот на Домот за пензионери утрово поднесе оставка на функцијата од морални причини, а федералната влада најави помош за санирање на домот, но и сместување на корисцните.
Сашко Димовски
