Вести Македонија Најважни

Телма истражува: Трогателна но, лажна кампања за собирање пари за болно дете, невладината е регистрирана во САД- МВР работи на случајот

Трогателна но, лажна кампања за собирање пари за болно дете се шири на социјалните мрежи креирана со помош на вештачка интелигенција. Телма открива дека се работи за меѓународна измама која води кон израелска платформа, а комуницираше и со организаторите. МВР е информирана но, истрагата трае. Во меѓувреме бројчаникот за донации врти и се приближува кон половина милион евра.

Ова трогателно видео и приказната за седум годишно дете болно од редок вид на рак е на Фејсбук страницата Животот на Даниел значи се. Таму е споделен повик за донации од татко чие дете умира како и линк до сајт на кој се собираат пари.

Уште пред неколку месеци македонското здружение Е-крауд објави дека линкот е лажен и пријави во полиција. Телма деновиве повторно забележа зголемена активност за привлекување донации. Од МВР по три месеци се уште истражуваат кој стои зад лажната приказна.

Го истражувавме сајтот, но и комунициравме со организаторите. Има собрано повеќе од 450 илјади евра, и се јавуваат повеќе од 13 илјади донатори.

Има голем дел од Македонија, но и од Србија, Словенија, Бугарија, а помалку од други земји од Европа и светот. Со оние кои разговаравме ни потврдија дека вистински донирале, а од нас дознаа дека приказната за Даниел е лажна.

  • Фала ви за информацијата, не би зборувал бидејќи нема што да се зборува. Има многу измами, човек не може да разликува.
  • Вчера видов и ми стана мака за детето и ајде си реков да донирам
  • Само да не ми крадат од сметка, треба да ја откажам картичката?, велат пред камерата на Телма измамени граѓани.

Донаторка од Словенија ни раскажа дека нејзин пријател го споделил линкот од словенечкиот сајт преку кој се собираат пари и во оваа земја. Податоците се идентични со македонскиот само се на словенечки јазик. Истиот постои и на англиски и на сите три може да се забележи дека се јавуваат истите донатори.

Платформата за донации е на американската невладината организација „Dawn of child“. За себе на сајтот напишале дека имаат повеќе случаи, секој е потврден со целосна медицинска документација, а секој долар што го собираат е за потребите на болните деца.

Во централниот регистар на САД невладината е регистрирана на адреса во Флорида каде при пребарувањето на „Google Maps“ се наоѓа оваа куќа. Организацијата постои од март годинава или само неколку месеци пред прв пат на интернет да се појави акцијата за донации за Даниел.

На истата адреса е регистрирана уште една невладина „Sunshine for Kids“ која постои една година претходно. Заедничко им е што за претседател го имаат Аврахам Спира, што според името и презимето асоцира дека има израелско потекло.

Останатите членови на двете организации се различни.

На e-mail на невладината се претставивме како потенцијални донатори и добивме експресен одговор со потпис АВИ. Ни даде сметка, но од „Sunshine for Kids“, со што подоцна потврди дека истиот стои зад двете невладини. Активно одговараше на прашањата се додека не побаравме доказ за болеста на Даниел.

  • Да разјасниме, „Sunshine for Kids“ и „Dawn of Child “ се две непрофитни организации кои работат заедно за да ги поддржат Даниел и неговото семејство. Сите донации одат директно за неговите медицински третмани и основна нега, рече Аврахам Спира.

Ни испрати и сметка од американска банка на која би можеле да ги уплатиме донации и телефонски број. Што води до Лас Вегас, Невада, но сопственикот не сакаше да се слушнеме со видео повик иако потврди дека се вика Абрахам. Кога му кажавме дека се работи за новинарско истражување негираше дека донациите се лажни, но не испрати медицинска документација за да го потврди спротивното.

  • Зошто мислиш дека е лажно? Можеш и самата да разбереш колку тоа ги повредува чувствата на семејството. Посакувам никогаш да не мораш да посетиш болница и да видиш деца кои страдаат и семејство кое само сака да помош, рече Аврахам Спира.

Оваа измама е пријавена во МВР, но од таму не сакаа да кажуваат детали.

  • Ве известуваме дека заедно со првичната пријава од фондација Е-crowd, во секторот за компјутерски криминал при МВР има 4 пријави. Исто така ве известуваме дека случајот сеуште е во истрага и за истиот во моментов не можеме да изнесеме дополнителни информации, ни одговорија од Министерството за внатрешни работи.

Од Македонската платформа за помош на болни на кои им требаат донации велат дека мора да се спречи ваквата измама и граѓаните да пријавуваат.

  • Малку да се луѓето попретпазливи ќе сфатат дека таа содржина не е генерирана од човек и треба веднаш да им стане видливо. Мислам дека нема врска со вештачката интелигенција, туку она што е важно да се пријавуваат сомнителните случаи, изјави Љупчо Петковски, основач на Ecrowd.

Според познавачите сајтот е креиран пред шест месеци но сопственикот платил за да го сокрие идентитетот. Користи евтин сервер и домејн, но фотографиите од детето не се закачени на нивниот сервер.

Токму тие не однесоа на израелската платформа за донации ГЕЕВ која изгледа легитимна, но и покрај обидите да се регистрираме на неа не успеавме. Со подетална истрага се утврди дека се работи за поврзани платформи кои користат едноставно кажано ист посредник и така се прилагодуваат кампањите за различни земји.

На интернет за израелската ГЕЕВ веќе се споделувани негативни искуства со сомнителни кампањи и во минатото, но за сега нема јавно достапни податоци како завршиле.

Билјана Николовска

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Најавите за воведување електронско гласање за дијаспората за изборите во 2029 година за Филипче се потенцијален извор на изборни манипулации

Дејан Дејан

Најмалку 188 загинати и над 1500-тини повредени во двата разорни земјотреси во Венецуела – спасувачите трагаат по преживеани низ урнатините

Дејан Дејан

Филипче: ВМРО-ДПМНЕ игра на картата на национализам и популизам само за да опстане на власт

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе