Со голема тага семејството и пријателите се простуваат од Јорго Ќука, истакнат стопанственик, долгогодишен раководител и човек кој остави длабок белег во македонската индустрија и општество. Човек со визија, интегритет и големо срце, кој целиот свој живот го посвети на работата.
Јорго Ќука е роден на 1947 година во Крушево. Завршил средно училиште во гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје по што го завршува Технолошко-металуршкиот факултет како Инженер технолог. Кариерата ја започнува во Хемтекс од каде преминува во ОХИС.
Од инженер, станува раководител на погон, а понатаму е главен инженер во ОХИС, се до 1987 година кога е назначен за генерален директор на фабриката, функција што ја извршувал повеќе од две децении.
Под негово раководство, ОХИС беше едно од најзначајните индустриски претпријатија во Македонија.
Јорго Ќука беше активен член во стопанските организации во Македонија. Покрај професионалните достигнувања, претседаваше и со Собранието на Стопанската комора на Македонија и беше член на Советот за меѓунационални односи. Неговата посветеност и стручност беа препознаени со бројни национални и меѓународни награди и признанија.
Јорго Ќука ќе остане запаметен како сопруг, татко, дедо, човек со големо срце и хуманост.
Неговото семејство информираше дека погребот ќе се изврши на градските гробишта во Бутел на 05.10.2025 година во 12 часот.
