Македонија во текот на минатите 12 месеци не презела решителни чекори за напредок во процесот на преговори за пристапување, констатира Европската комисија во извештајот за напредокот за земјава за 2025 и во својата Стратегија за проширување.
„Вистински напредок не е забележан во изминатата година во Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово и причините се различни. Комисијата ќе продолжи да ги поддржува во нивната вработа кон ЕУ“, кратко и јасно реферираше Марта Кос, Еврокомесарка за проширување на прес-конференцијата.
Комисијата притоа констатира дека Македонија треба да ги интензивира напорите за спроведување на реформите поврзани со ЕУ, особено во рамки на кластерот Основи – во делот на владеењето на правото, заштита на судската независност и интегритет и зајакнување на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
„Техничката работа на патоказите и акцискиот план поврзани со првиот кластер продолжуваат, но земјата не направи одлучни чекори за да го унапреди пристапниот процес во изминатата година. Таа мора да ги спроведе уставните измени, согласно заклучоците на Советот од 2022 година за да напредува на својот пат кон ЕУ“, рече Кос пред Комитетот за надворшени работи на ЕП, презентирајќи го Извештајот на ЕК за Македонија.
Европската комисија притоа констатира и дека Уставните измени не се усвоени, меѓу другото, и поради тоа што Собранието не направило обиди за нивно усвојување. Во контекст на работата на Собранието Комисијата забележува дека тоа ги извршува своите овластувања на генерално ефикасен начин, но оти го одложува усвојувањето на важни реформи и на назначувања.
Тоа треба да ги забрза потребните реформи за процесот на интеграција во ЕУ, а повторно му се забележува дека ја користи скратена постапка за носење закони, со барање да ја ограничи употребата на скратени законодавни процедури.
Инаку најновиот Извештајот за земјава, во делот на политичките критериуми, нотира дека без напредок, споредено со минатат година, се реформите во судскиот систем и борбата против корупцијата.
Со ограничен напредок се борбата против организираниот и сериозниот криминал, како и областа на владеењето на правото, слободите и безбедноста, но и слободата на изразувањето. Земјата останува умерено подготвена во областа на реформата на јавната администрација, со одреден напредок од лани во областа на е-влада,
Функционирањето на судскиот систем инаку се наоѓа меѓу одредено и умерено ниво на подготвеност, но во изминатите 12 месеци таму не е постигнат никаков напредок.
„Севкупната независност и финансиска автономија на судството се поткопани од мешањето и притисокот од другите државни гранки, вклучително и обидите на собранието да изврши притисок врз членовите на Судскиот совет да поднесат оставка, како и доделувањето на ограничените финансиски ресурси“, се наведува во Извештајот.
Корупцијата пак останува распространета во многу области, при што Комисијата нотира дека нивото на подготвеност на земјата во делот на борба против корупцијата останува меѓу одредено и умерено, без никаков постигнат напредок од 2024 година.
Но ако нема поместувања од лани во генералната борба против корупцијата, поместување има во делот на работата на Антикорупциска. Таа од светла точка во борбата против корупцијата во претходните извештаи, во најновиот, поради обвинението поднесено против претседателката на ДКСК, што доведе до нејзина оставка, се нотира дека е доведено во прашање кредибилитетот на институцијата.
„ДКСК треба проактивно да дава насоки за политиката за спречување на корупцијата, откривање и пријавување на наводни случаи на корупција и зголемување на нејзината ефикасност во проверката на анкетните листови и надзорот врз финансирањето на изборните кампањи“, смета Комисијата.
За случаите на корупција на високо ниво, ЕК наведува дека тие честопати се одложуваат, застаруваат или завршуваат со минимални казни. Притоа останува нејзината минатогодишна препорака за носење на нов Кривичен закон во согласност со законодавството на ЕУ, но и да се подобри увидот во случаите на корупција на високо ниво.
Во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент пред кој Кос денеска го презентираше пакетот за проширување и Извештаите за напредокот на земјите од регионот не беше присутен известувачот за Македонија, Томас Вајц, поради што беше прескокнат делот во кој требаше да биде презентиран Извештајот за Македонија на Европскиот парламент, а со тоа и коментарот од Кос за Македонија.
„Известувачот за Северна Македонија, Томас Вајц не е присутен, продолжуваме со Србија“, рече Дејвид Мекалистер, претседател со Комитетот за надворешни работи на ЕП.
Инаку Кос порача дека таа секогаш ќе се бори одлуките во процесот на преговорите со земјите-кандидати да не се едногласно земјите-членки, туку едногласноста да биде потребна само за почеток на преговорите и за прием на новата членка.
Tамара Грнчароска
Дигитална обработка: T.Д.
