Се распишаа нови избори, а деветтата генерација за обука на идни судии и обвинители сè уште е блокирана од ланските избори. Тогаш во предизборието, со одлука на Антикорупциска, а потоа и управните судови, беше стопиран приемниот испит, со образложение дека постапката завршува со вработување, а тоа е спротивно на изборниот законик. Сега почна нов изборен процес, со што клупите за почетна обука ќе останат празни и во наредните месеци, но во меѓувреме пречка за Академијата беа замрзнатите постапки за вработувања и средствата.
-Последната генерација се уште не е завршена а овој процес трае веќе две години. Претходните избори оваа постпака беше запрена но за жал може да констатираме дека се уште не е завршена постпаката поради тоа што нема согласност од министерството за финансии за буџетски средсдтва за новата генерација и во блиска иднина не би очекувале нова генерација на судии и јавни обвинители, вели Ивана Петковска од Коалција ”Сите за правично судење”
Известувањето од Министерството за финансии дека во Буџетот на Судскиот буџетски совет за 2025 година не се обезбедени финансиски средства за вработување на 130 слушатели на обука во Академијата беше причина во мај, Управниот одбор да ја продолжи состојбата со статус-кво, односно да не донесе одлука за судбината на оваа генерација.
Телма постави прашање во финансии зошто Министерството не обезбедило средства за обука на деветтата генерација, а од таму ни одговорија:
„Ве информираме дека во рамки на Буџетот се буџетирани средства, односно утврдени лимити во чии рамки самиот буџетскиот корисник ги утврдува приоритетите и програмите за реализација. Со ребалансот на Буџетот за 2025 година се обезбедени средства за Академијата за судии и јавни обвинители и во рамки на тие средства, Академијата треба да обезбеди средства за реализација на своите програми“, се вели во одговорот од министерството за финансии за Телма.
Академијата чија основна цел е да обучува нови судии и обвинители е без студенти од крајот на минатата година кога заврши осмата генерација.
Според Коалцијата „Сите за правично судење”, која го мониторира судството, а ја анализираше и кадровската дупка, велат дека последиците ќе ги почувствуваат граѓаните со неефикасно судство и пристап до правда. Има судови со еден судија, а и малите и големите судови кубурат со стручен кадар.
Според податоците од Судскиот совет, недостасуваат 209 од вкупно 639 судиски места, согласно систематизацијата или една третина од судиите.
Елена Ивановска Мукоска
