Засилени контроли во градежниот сектор. Управата за јавни приходи (УЈП) започна со контрола на градежните компании откако секторот е идентификуван како високоризичен во делот на даночната дисциплина.
Ќе се проверува продажба на објекти по истекот на пет години од нивната изградба, договори со нереално ниска продажна вредност, непријавени вработувања и ангажмани, како и значителни разлики меѓу реалниот обем на изградба и пријавените приходи од продажба.
Контролата на УЈП ќе го опфати и издавањето на фактури без прибелешки во јавните книги, како и неправилна примена на механизмот за пренос на даночна обврска.
Контролата од УЈП е во контекст на актуелните пазарни трендови, зголемената побарувачка за недвижности и зачестеното плаќање во готово, со цел даночно усогласено работење на обврзниците од овој сектор.
„Согласно важечките законски прописи, првиот промет на станови во рок од пет години по изградбата подлежи на оданочување со повластена стапка на ДДВ од 5%. По истекот на пет години, прометот е ослободен од ДДВ, но без право на одбивка на влезниот данок, што подразбира обврска за корекција кај обврзниците кои претходно го одбиле истиот“, се наведува во соопштението од УЈП.
Даночниците веќе доставиле известување на 318 даночни обврзници од градежниот сектор, кои ги повикале да извршат корекција на одбивката на влезниот данок на додадена вредност во вакви случаи.
Како што велат од Управата за јавни приходи, оваа мерка е со превентивен карактер за да се овозможи усогласување со законските обврски, со цел избегнување на санкции и дополнителна постапки за контрола, како и откривање и санкционирање на даночни неправилности, заштита на буџетските приходи и обезбедување фер услови за сите учесници на пазарот.
Мерката на УЈП следи еден месец откако гувернерот на Народната Банка, Трајко Славевски, посочи дека околу 50 проценти од новопродадените станови се купуваат на кредит, а другите 50 проценти во готовина.
Славевски изјавувајќи го ова рече дека Народната банка нема сознанија од каде стига таа готовина. Славевски тогаш информираше дека во првиот и вториот квартал од оваа година цените на становите се зголемиле за околу 20 отсто, додека споредено со 2021 година поскапи се за дури 75 проценти.
Тамара Грнчароска
